Блинкен во Кина: Двете страни подготвени да разговараат, но не и да ги менуваат ставовите

од Stefanija Kuzmanovska
258 прегледи

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен вториот, последен ден од посетата на Кина го започна со средби со високи претставници, на кои двете страни изразија подготвеност да разговараат, но не и волја да ги омекнат своите силни ставови и позиции кои предизвикаа тензиите да се зголемат, соопшти АП.

Блинкен утрово се сретна со првиот кинески дипломат Ванг Ји, но ниту Блинкен ниту Ванг не дадоа никакви коментари за печатот, пренесува агенцијата.

Во првата рунда разговори во неделата, Блинкен разговараше со кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг речиси шест часа, потврдувајќи ја согласноста за продолжување на разговорите на високо ниво, но не давајќи никакви индикации дека некое од најитните прашања е блиску до решавање.

Двете страни потврдија дека Чин ја прифатил поканата на Блинкен да го посети Вашингтон, но Пекинг јасно стави до знаење дека кинеско-американските односи се на најниската точка од воспоставувањето, став што го делат и американските официјални лица.

Сепак, посетата на Блинкен може да го отвори патот за средба меѓу претседателите Бајден и Си во наредните месеци, според АП.

Списокот на спорни прашања е долг и вклучува несогласувања кои се движат од трговијата до Тајван, условите за човековите права во Кина и Хонг Конг до воената наметливост на Кина во Јужното Кинеско Море и војната на Русија во Украина.

Бајден и Си ветија дека ќе ја подобрат комуникацијата „за да можеме да се погрижиме да комуницираме што е можно појасно за да избегнеме можни недоразбирања“. Според агенцијата, останува нејасно дали Блинкен на последниот ден од посетата ќе се сретне со кинескиот лидер Си Џинпинг.

Слични содржини