Американскиот државен секретар Ентони Блинкен моментално е на пат за Израел бидејќи примирјето меѓу Израел и Хамас истекува утре наутро.
Блинкен рече дека ќе биде фокусиран на продолжување на паузата во борбите во Газа „за да може да се продолжиме со извлекување на повеќе заложници и да се носи повеќе хуманитарна помош“.
– Би сакале паузата да биде продолжена бидејќи она што овозможи, пред сè, беше ослободување на заложници и нивното повторно обединување со нивните семејства. Исто така, ни овозможи да доставиме хуманитарна помош за луѓето во Газа на кои очајно им е потребна. Продолжувањето на прекинот на огнот значи дека повеќе заложници ќе се вратат дома и дека повеќе помош ќе влезе во Газа, рече американскиот државен секретар.
Тој изрази уверување и дека продолжувањето на паузата е нешто што Израел го сака бидејќи „тие исто така се интензивно фокусирани на враќање на луѓето дома“. Блинкен рече дека планира да разговара за ова прашање на неговите состаноци со израелските власти во наредните денови.
– Ќе разговараме со Израел како може да ја постигне својата цел да се осигура дека никогаш нема да се повторат терористичките напади од 7 октомври, а истовремено да ја одржува и зголеми хуманитарната помош и да ги минимизира понатамошните страдања и жртви меѓу палестинските цивили, рече Блинкен.
Блинкен исто така ќе отпатува и на Западниот брег, а потоа во Дубаи на климатскиот самит КОП28.