Блокирана наредбата на Бајден за задолжителна вакцинација на здравствените работници

од Nikola Popovski
346 прегледи

Окружниот судија Тери Даути Луизијана ја блокираше федералната наредба за вакцинација против Ковид 19 за здравствените работници, која беше пропишана од администрацијата на Џо Бајден.

Одлуката на судијата Даути важи низ САД, освен во 10 држави каде здравствениот центар веќе е спречен да примени задолжителна вакцинација врз основа на претходна одлука на федерален судија во Сент Луис.

Даути пресуди по тужбата предводена од републиканскиот јавен обвинител на Луизијана, Џеф Ландри, на која и се придружија уште 13 држави, но Даути додаде забрана на национално ниво во својата пресуда.

Забраната, дадена од судијата Тери Даути, всушност ја продолжи посебната наредба издадена од федералниот суд во Мисури во понеделникот. Првата се однесуваше на само 10 држави кои се приклучија на тужбата против одлуката на претседателот да бара од сите здравствени работници во болниците и домовите за стари лица да ја примат барем првата вакцина до 6 декември и целосно да се вакцинираат до 4 јануари.

„Нема сомнеж дека наметнувањето вакцина на 10,3 милиони здравствени работници е нешто што треба да го направи Конгресот, а не владина агенција. Не е ни сигурно дека чинот на Конгресот кој нареди вакцината ќе биде уставен“, рече окружниот судија за западниот округ на Луизијана.

Судијата Даути наведе и дека обвинителите „имале интерес да ги заштитат своите граѓани од задолжителна вакцинација“ и да спречат губење на работни места и даночни приходи што може да бидат резултат на условување.

Неколку градови и држави веќе воведоа задолжителни вакцини за здравствените работници, во обид да ја спречат заразата што се пренесува од заедниците до медицинските установи, како што се домовите за стари лица, пишува Њујорк Тајмс.

Вакцинациите меѓу здравствените работници се зголемија од летото, иако случаите на инфекција меѓу жителите и персоналот остануваат во илјадници пријавени секоја недела. Низ целата земја, стапката на имунизација кај персоналот во старечки дом е генерално повеќе од 74 проценти.

Слични содржини