Државите од Западен Балкан стануваат се поскептични во однос на европската интеграција, која по две децении сè уште стои во место, што ги охрабри нивните лидери да бараат алтернативни партнери, пишува „Блумберг“ во свој материјал.
Жителите на Србија, Црна Гора, Албанија, Северна Македонија и Босна и Херцеговина се погласни во нивните критики за процесот на пристапување во ЕУ, во време кога Европа се соочува со економски последици поради санкциите воведени кон Русија по почетокот на војната во Украина.
„Истражувањата во последните 18 месеци покажуваат дека поддршката на ЕУ опаѓа, како кај нас, така и во регионот“, рече претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски. За тоа, пред се, е виновен Брисел, бидејќи „објективно не гледаме дека процесот на европска интеграција се движи“, додаде тој.
Европската унија ќе се обиде да одговори на овие критики на самитот ЕУ-Западен Балкан, закажан за утре, 6 декември во Тирана. Ова е прв ваков самит во овој регион, пренесува американскиот портал.
„За прв пат во историјата имаме избор“, рече албанскиот премиер Еди Рама, „а за нас Европа е иста како што беше, место за бегство од војна, диктатура, конфликт, место на мир и безбедност“.
Критиките за бавноста на евроинтеграциите не доаѓаат само од лидерите од регионот. Европскиот парламент, исто така, ги критикуваше земјите-членки на ЕУ за „неисполнување на дадените ветувања“.
„Недостигот на ангажман на Европската унија и падот на нејзиниот кредибилитет создадоа вакуум, со што се отвори простор за држави како Русија, Кина и другите малигни сили“, рекоа во Европскиот парламент, според „Блумберг“.
Северна Македонија е можеби највпечатливиот пример за бавноста на европскиот процес. Заедно со Албанија, таа ги отвори преговорите со ЕУ во јули, цели 17 години по добивањето кандидатски статус.
Ниту потпишувањето на договорот со Грција од 2018 година, со кој земјата го смени името, не беше доволно, бидејќи Бугарија го блокираше патот на Македонија кон ЕУ уште четири години.
„Многу земји во регионот веруваат дека процесот (европската интеграција) треба да биде побрз“, изјави специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
Според „Блумберг“, на самитот во Тирана, земјите од Западен Балкан ќе ја истакнат важноста на санкциите против Русија, кои ги воведоа сите земји во регионот, освен Србија, која се обидува „да ја искористи европската несигурност и го зголемува своето влијание во регионот“.
Србија е првата земја која испрати вакцини против коронавирусот во Северна Македонија на почетокот на минатата година, а српската влада неодамна дозволи извоз на гас во таа земја, потсетува американскиот портал.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ е еден од креаторите на „Отворен Балкан“, форум за економска соработка во регионот на Западен Балкан. Тој тврди дека, без јасен пат за членство во ЕУ, земјите од регионот мора да ги зајакнат своите економски врски.
Европската унија ја критикуваше иницијативата, а овој став го делат и некои лидери од Западен Балкан. Тие се загрижени дека „земјите кои се бореа за својата независност во 1990-тите“ би можеле да скршнат од патот на европската интеграција, наведува „Блумберг“.
Сепак, Европската Унија сноси најголем дел од вината за недостигот на напредок во пристапниот процес, смета македонскиот аналитичар Љупчо Поповски.
„Во отсуство на голема награда, луѓето бараат поконкретни придобивки, дури и ако се помали“, изјави тој за „Блумберг“.