Сè помрачни се украинските проценки за ситуацијата на бојното поле. Додека се спротивставуваат на руските напади во областа на воената акција, Украинците мора да внимаваат колку гранати можат да испукаат. Официјални лица во Киев веруваат дека рускиот напредок би можел да добие значителен замав до летото, пренесе „Блумберг“, чиј текст делумно го пренесува руската агенција ТАСС.
Главниот воен командант на Украина, Олександр Сирски, во четвртокот изјави дека грешките на командантите на првата линија ги влошиле проблемите со кои се соочува украинската одбрана околу Авдиивка, која руските сили ја зазедоа овој месец. Сирски рече дека испратил повеќе војници и муниција за да ги зајакне украинските позиции, пишува Блумберг.
Расте песимизмот меѓу Украина и нејзините сојузници. Падот на Авдиивка и неколку околни села ги подгрева стравувањата дека одбраната на Украина можеби нема да издржи. Загубите треба да дејствуваат како повик за будење за сојузниците на Украина, изјави европски функционер.
„Украина може да почне да ја губи војната оваа година“, рече Мајкл Кофман, експерт за Русија и Украина во Фондацијата Карнеги за меѓународен мир, во подкастот „War on the Rocks“.
Украинските разузнавачи тврдат дека рускиот претседател Владимир Путин не се откажал од својата првична цел да ги освои големите градови, вклучувајќи ги Киев и Одеса. Ако руските сили стигнат до Одеса, тие ќе можат да ги затворат клучните рути за извоз на жито на Украина преку Црното Море и исто така да го отворат пристапот до Молдавија, чиј отцепен регион Придњестровје во средата се обрати кон Москва за политичка поддршка, изјави извор на Блумберг.
Москва ќе одлучи дали да продолжи со бавното напредување или да акумулира ресурси за голем притисок да ги пробие украинските линии ова лето, изјави лице блиско до раководството на Украина. Путин во четвртокот повтори дека сè уште планира да ги постигне целите поставени на почетокот на инвазијата, а украинскиот претседател Володимир Зеленски предупредува дека Русија планира нова офанзива на пролет или почетокот на летото – додека недостигот на муниција влијае на ситуацијата на бојното поле.
Со оглед на тоа што украинските сили очајни бараат повеќе муниција, некои сојузници, предводени од Чешката Република, размислуваат да купат околу 800.000 артилериски гранати надвор од ЕУ за да и ги дадат на Украина. Голема офанзива би била предизвик за Кремљ по две години војна што ги исцрпи руските сили.
Ќе им требаат уште многу војници, но и тешки тенкови и возила за да започнат офанзива, изјави адмиралот Роб Бауер, претседател на воениот комитет на НАТО. Досега Москва не е во состојба доволно брзо да го зголеми производството: „Путин има повеќе артилерија, има способност да замени одредена количина проектили секој месец, но не е целосно успешен во однос на зголемувањето на бројот, на пример, тенкови и оклопни возила“.
Тој посочи на неодамнешните украински извештаи дека, и покрај загубата на Авдиивка, на секој убиен Украинец има седум убиени Руси.
Тој сооднос значи дека на Москва ќе и требаат многу мажи за да ги порази Украинците, кои се обидуваат да ја задржат линијата на фронтот што е можно повеќе до втората половина од годината, кога би можеле да добијат борбени авиони Ф-16, а производството на муниција од Запад треба да се зголеми.
Ова ќе му овозможи на Киев да планира нова контраофанзива во 2025 година.