BMW и Toyota соработуваат за лансирање на нови модели со погон на водород

од Vladimir Zorba
187 прегледи

Помина повеќе од една деценија откако BMW и Toyota ја започнаа својата соработка. Ова партнерство ги роди Supra и Z4, но врските меѓу двата гиганти всушност се подлабоки од тандемот со спортски автомобили.

Имено, BMW и Toyota веќе од 2025 година ќе започнат со масовно производство и продажба на заеднички развиени автомобили на водородни горивни ќелии. Питер Нота, шеф на продажбата на баварскиот производител, даде некои информации за „Никеи Азија“.

Иако Нота не откри детали во врска со новите FCEV модели, тој рече дека BMW го гледа водородот како „особено важен за големите теренци“. Претходните гласини сугерираа дека BMW е заинтересиран да додаде водороден погон на линијата X7.

Сепак, клиентите нема да мора да чекаат уште три години за да го запознаат новото возило на водородни горивни ќелии на BMW. iX5 Hydrogen Concept, кој беше претставен на минатогодишниот автосалон во Минхен, ќе започне со ограничено производство подоцна оваа година.

Фокусот на BMW на технологијата на горивни ќелии и овозможува на компанијата да ги прошири своите инвестиции, продолжувајќи да инвестира и во мотори со внатрешно согорување и во електрични возила со батерии.

Сепак, инфраструктурата неопходна за функционирање на возилата со погон на водород речиси и да не постои. Германскиот производител сака 50 отсто од продажбата на нови автомобили на групацијата да биде чисто електрични до 2030 година, вклучувајќи ги и Mini и Rolls-Royce.

Не ги знаеме сите детали за новиот модел iX5 Hydrogen. Концептот пристигна со 170 КС (125 kW), но неговиот максимален досег остана непознат. Овој кросовер наводно ќе користи два резервоари за водород, со капацитет од по шест килограми. Предметната погонска единица може да испорача до 374 КС, но BMW избра да и даде приоритет на ефикасноста пред перформансите.

Toyota има долга историја на развој на водородни горивни ќелии, па не е чудно што Баварците стапија во соработка со јапонскиот гигант, кој почна да развива технологија во оваа област уште во 1992 година, а кулминираше со серискиот модел Mirai, кој на пазарот влезе во 2015. FCEV неодамна беше темелно ревидиран, влегувајќи во втората генерација.

Слични содржини