Германскиот производител на луксузни автомобили БМВ во понеделникот објави дека ќе инвестира 600 милиони фунти (750 милиони долари) во објекти во Велика Британија за да ја направи иконската марка Mini целосно електрична до крајот на деценијата.
Од 2026 година, BMW ќе ги произведува Mini Cooper со три врати и компактниот кросовер Mini Aceman во фабриката во Оксфорд, кои ќе бидат исклучиво електрични од 2030 година. Истите модели ќе се произведуваат во Кина, а извозот би требало да започне следната година.
Британскиот министер за економија Кеми Баденох ќе ја посети фабриката во Оксфорд за да присуствува на најавата за инвестицијата, за која владата вели дека вкупните инвестициски трошоци во автомобилскиот сектор ќе ја надминат границата од шест милијарди фунти.
„Инвестицијата на BMW е уште еден светол пример дека Велика Британија е најдоброто место за изградба на автомобили на иднината“, рече премиерот Риши Сунак.
Германската компанија објави дека британската влада ја поддржала инвестицијата, но не соопшти детали.
BMW ќе инвестира и во фабрика во Свиндон која произведува делови за овие модели. Тие не прецизираа што ќе се случи со фабриката за мотори во Хамс Хол.
Мал, брз и достапен, оригиналниот Mini излезе во продажба во 1959 година, а BMW го оживеа брендот во 2001 година, кој ја задржа својата популарност под негово водство. Но, неговата иднина во Британија е неизвесна со години, забележува Ројтерс.
Автомобилската индустрија, пак, е вознемирена од „правилата за потекло“, според кои електричните возила од следната година ќе бидат без царина доколку 45 отсто од нивната вредност се произведуваат во Британија или ЕУ.