BMW објави дека ја прекинува работата во Русија.
Германскиот гигант донесе одлука да ја запре испораката на возила на рускиот пазар, но и да го прекине производството во Калининград. BMW на тој начин се приклучи на се поголемиот број производители на автомобили кои ги прекинуваат деловните врски со Русија во согласност со санкциите.
„Ја осудуваме агресијата врз Украина и со голема загриженост и ужас ги следиме понатамошните случувања. Поради актуелната геополитичка ситуација, го запираме локалното производство и извозот на рускиот пазар до следната одлука“, изјави портпаролот на BMW.
Како што е познато, BMW пред две години се откажа од изградбата на фабриката во Калининград и го задржа партнерството со руски „Автотор“. Заедничката фабрика склопува автомобили само од подготвени делови. Минатата година беа склопени околу 12.000 автомобили, додека во Русија беа извезени околу 47.000 BMW.
Од компанијата велат дека војната го нарушила синџирот на снабдување, особено во однос на испораката на делови од подизведувачи во Украина, а недостигот може да влијае на производството во други погони. Така, фабриката Mini во Велика Британија, по затворањето пред еден месец поради недостиг на чипови, сега мораше да престане со работа поради недостиг на делови од Украина.
Поради недостиг на делови, особено електронски компоненти за електрични автомобили, некои фабрики најавија прекини во производството. Најзагрозени се фабриките специјализирани за производство на електрични автомобили.
Прв реагираше Volkswagen, кој објави дека оваа недела ќе престане со работа во погоните во Дрезден и Цвикау, кои се неопходни за производство на електрични автомобили. Причината е нарушување во снабдувањето со делови од Украина, особено електронски компоненти произведени од Леони. Германскиот производител на електронски компоненти во Украина има две фабрики и вработува 7.000 луѓе.