Бочварски: Да се потрудиме македонските фирми и работници да бидат повеќе од 51 отсто во изградбата на Коридорите 8 и 10

од Nikola Popovski
160 прегледи

„Во законот е утврдено дека најмалку 51 отсто од ресурсите, каде се и човечките ресурси и механизација, материјали треба да бидат од државата. Тоа е предвидено во законот. Целта е секоја држава да има што повеќе домашни компании, луѓе и механизација да работи. Доколку успееме домашни фирми да влезат со 70 отсто во делот на градбата или градежна механизација, тоа ќе биде успех за државата и компаниите“ рече министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски во „Утрински печат“.

Тој додаде дека интенција на државата е што е можно поголем број од ангажираните работници да бидат од тука, но на крајот пазарот е тој што ќе утврди колку работници ќе има на терен и колку од нив ќе се домашни.

„Секоја компанија која смета дека може да одговори на барањата ја поттикнувам да влезе во реализацијата на овој проект. Ќе се добијат знаења од реномирани компании и на тој начин ќе го развиеме домашниот градежен сектор. Овој проект ќе значи нов старт на градежништвото во државата“, истакна Бочварски.

Министерот порача дека ќе му биде мило што повеќе компании да влезат, разговараат и се најдат на терен бидејќи со тоа искуството и знаењето стекнато на овој проект ќе може да се пренесува во иднина.

„Во Косово над 70 отсто од ресурсите биле домашни. Имало голем број на луѓе и компании кои прифатиле да работат. Пазарот во таа држава го понудил тоа. Ние ако можеме 70-80 отсто да работиме со домашни капацитети ќе биде одлично“, наведе Бочварски.

Слични содржини