„Во општина Штип денес има локална власт која е незаинтересирана за градот и граѓаните. Повторно истите филмови од минатото, асфалт кој се одлепува после првиот дожд, повторно покачени сметки за вода и повторно покачен данок на имот, а го гледам и мостот Иднина кој го изградивме, не можат ниту да го офарбаат и тековно да го одржуваат“ рече Благоја Бочварски на граѓанската средба во Штип.
Тој додаде дека не можат да го офарбаат тоа што СДСМ го изградило.
„И додека тоа неспособно ВМРО-ДПМНЕ плука по нас, јас во нивниот мандат од 2,5 години донесов локални проекти со вредност од преку 550 милиони денари. Дополнително започнав и завршив патишта во вредност од преку 130 милиони евра. И цело време барам да видам кој е најзначајниот проект за време на оваа локална власт. Единствено нешто кое го најдов, беше информацијата дека полицијата ги фатила како во 35 наврати украле нафта со вредност од 300 илјади евра за нафта. Пазете се дрзнале да крадат нафта од нашите деца од школите во градот“, потенцираше Бочварски.
Тој додаде дека СДСМ и денеска имаме план, за развој на Штип за развој на истокот, за развој на Македонија.
„Нашиот план за Европска Македонија вклучува нови 2,7 милијарди евра за инфраструктура, за патишта, пруги, гасоводи, водоводи, станбени згради за млади брачни парови.Планираме Укинување на партиципацијата за студентите на градежен и архитектонски факултет со цел привлекување на поголем број инженери кои ќе работат на реализација на овој амбициозен инфраструктурен план. Минимална пензија ќе ја покачиме на 20 илјади денари, просечна пензија на 30 илјади денари, просечна плата ќе ја покачиме на 1100 евра, а минимална плата на 600 евра“ заклучи Бочварски.