Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, заменик министерот Беким Реџепи и директорот на ЈП Државни патишта, Ејуп Рустеми, денеска извршија увид на изградбата и асфалтирањето на регионалниот пат Битола – граничен премин Меџитлија.
Според министерот Бочварски патниот правец Битола-Меџитлија е многу значаен патен правец и затоа се врши рехабилитација на повеќе од 12 километри.
-Регионалниот пат не поврзува со Република Грција. Рехабилитацијата на овој патен правец со сигурност може да кажам дека привршува како процес и како проект. Првиот слој асфалт е целосно поставен, а во моментов се врши поставување на втор слој асфалт. Очекуваме на почетокот од следниот месец овој регионален пат да биде целосно завршен. Оваа влада ги оправдува барањата на граѓаните од целиот регион и ќе продолжиме да ги решаваме инфраструктурните прашања за да го подобриме квалитетот на животот на граѓаните и да придонесеме за посилна економија во овој Регион, истакна министерот Бочварски.
Регионалниот патен правец Битола-Меџитлија го гради ГП Пелагонија, се финансира од ЕБОР и вложени се 3,27 милиони евра
-Интензитетот на работите на овој пат се одвива според планираната динамика и наскоро патот кој 40 години не беше рехабилитиран, да биде пуштен во употреба. ЈП за Државни патишта во целост ја реализира програмата за 2023 година која предвидува 480 милиони евра капитали инвестиции во кои се вклучени, изградба, рехабилитација и модернизација на патната инфраструктура. На овој начин граѓаните ќе патуваат безбедно по сите патишта низ републиката, изјави Рустеми.
На новинарско прашање во врска со динамиката на изградба на патниот правец Градско-Дреново-Фариш до Плетвар, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски посочи дека напролет ќе се вози по нов пат.
-Наредната година, напролет ќе има готов нов експресен пат. Делницата Градско-Дреново и Дреново-Фариш. Моите очекувања се дека тој патен правец ќе биде завршен и тој патен правец целосно ќе ја подобри сликата на овој Регион. Ќе се зголеми економската активност во регионот, но и ќе се зголеми безбедноста на учесниците во сообраќајот. Напролет во 2024 годдина овој патен правец ќе биде пуштен во употреба, одговори Бочварски.