Преку 135 милиони евра инвестираме во изградба на три модерни експресни патишта низ државата. Градежната оператива е комплетно на терен и не очекува силна инвестициска година во модернизација на целокупната патна инфраструктура, изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој денеска заедно со директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, извршија увид во изградба на експресниот пат кон Прилеп, на делницата Градско – Дреново.
Должината на оваа делница е 15,5 километри, а инвестицијата е во висина од 24,7 милиони евра.
Изградбата е започната оваа година, а рокот за нејзино завршување е јули 2023 година. Експресниот пат ќе има две возни ленти од 3,5 ленти и две ленти за застанување од 2,5 метри.
Паралелно со оваа делница се гради и втората фаза од овој експресен пат, делница од Дреново до Фариш, за која се инвестира 33,7 милиони евра.
„Можам да потенцирам дека изминатиот период овој патен правец се гради со несмалено темпо. Изградбата се одвива според предвидената динамика и веруваме дека овие две делници ќе бидат изградени заклучно со рокот 2023 година. Сакам да ги уверам сите, дека работиме упорно на сите овие проекти за да создадеме услови за модерен и безбеден собраќај и развој на Пелагонискиот регион. Средствата за сите проекти се веќе обезбедени и ги правиме сите напори согласно ценовните шокови кои се случуваат, проектите да продолжат да се градат.“ – изјави министерот Бочварски.
Директорот на ЈП за државни патишта, Рустеми, истакна дека делницата Градско – Дреново се финансира од ИПА фондовите со 21 милион евра и 3,7 милиони евра од буџетот на ЈП за државни патишта.
„На експресниот пат се градат 2 клучни, една кај Градско и другата кај Росоман, потоа 4 вијадукти и по 4 надпатници и подпатници. Ширината на патот е 12,4 метри. Се завршуваат градежните работи кај клучката и надвозникот Градско. Очекуваме овој регион оваа пролет и лето да биде едно големо градилиште и граѓаните набрзо да добијат добра инфраструктура која значи поголема развиеност на регионот.“ – изјави Ејуп Рустеми, директор на ЈП за државни патишта.