Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски на својот фејсбук профил напиша дека со Законот за легализација на бесправно изградените објекти ќе се решат речиси 50.000 проблеми на луѓе кои изградиле домови.
– Деновиве внимателно ги слушам коментарите во однос на законот за бесправно изградени објекти и целосно ги разбирам коментарите во јавноста кои се дијаметрално спротивни со поддршка за законот и против носење на вакво законско решение.
Да бидеме на чисто никој во државата ниту јас, ниту било кој друг, би се согласил со носење на закон за бесправно изградени објекти доколку такви објекти не постојат или доколку тие се во занемарливо мал број. Но, денес сеуште постојат преку 50 илјади бесправно изградени објекти, објекти кои се реалност. Тоа во најголем дел се објекти на наши сограѓани кои успеале да изградат кров над глава, за себе и своето семејство.
Сметам дека направивме силна реформа со законот за урбанистичко планирање, а започнавме со изработка на нов закон за градење. Со ова отворивме можност за транспарентни постапки со вклученост на сите. Реформите се бавни процеси, но резултатите и ефектите веќе ги чувствуваат граѓаните.
Како Влада започнавме со процес на јакнење на инспекциските служби кои во изминатите 30 години беа ставени на маргините на општеството. И ова е една од најсилните алатки за борба против бесправното градење.
Прашањето кое е исправено пред нас е дали овие “50 илјади проблеми” ќе ги ставиме под тепих или ќе бараме решенија?
Би сакал да ги потенцирам неколкуте значајни разлики помеѓу претходниот закон за бесправно изградени објекти кој многу често беше критикуван од наша страна и сегашното предлог законско решение:
1. Не се согласувам со членот во претходниот закон за бесправно изградени објекти каде што сумата на плаќање на надоместокот беше 1 евро за метар квадратен. Со тоа беа казнети оние кои редовно граделе и платиле 100 евра комунален надоместок (во зависност од општината во која се наоѓа објектот).
Со новиот закон за бесправно изградени објекти за ставање во правна рамка на одреден објект граѓаните треба да платат (100 евра плус 50% казнени пенали или 150 евра за метар квадратен). Со ова правиме притисок и ги одвраќаме граѓаните од ваквите постапки.
2. Дополнително во овој закон со посебен член се третира заштита на регионот кој е заштитен од УНЕСКО кој претставува природно и културно наследство.
3. Целосно ја елиминираме можноста за легализирање на објекти за колективно домување со намена А2. Нешто што во претходниот закон постоеше како можност.
4. На крајот, овој закон денеска се носеше во дебата со опозицијата и јавноста подолг временски период.
Но, овде сме да продолжиме со дебата, Владата и Собранието се форуми каде што низ дебата ќе дојдеме до најдобрите одлуки за граѓаните. Имаме обврска да бараме решенија како социјална држава и да помогнеме на нашите сограѓани, на кои тоа им е најпотребно, напиша Бочваарски