Бочварски: Обезбедивме дополнителни 1.550 транспортни дозволи годинава за транспортерите

од Берта Китинска
144 прегледи

Министерството за транспорт и врски обезбеди дополнителни 1.550 транспортни дозволи за Турција, Италија и Бугарија со што даваме посебен инпут за развој на транспортната дејност во земјата, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој денеска присуствуваше на Традиционалната средба со превозници, организирана од асоцијацијата Макам Транс.

На средбата со транспортерите, министерот Бочварски истакна дека за следната година се зголемува бројката на годишни ЦЕМТ за 240 повеќе од оваа година, односно за 264 месечни ЦЕМТ дозволи повеќе.

„Сакам да најавам дека за 2023 година ќе имате на располагање дополнителни 240 годишни ЦЕМТ дозволи и дополнителни 264 месечни ЦЕМТ дозволи. Или од моментално 1.440 годишни ЦЕМТ дозволи, за следната година ќе имаме на располагање 1.680 дозволи. Од сегашните 2.544 месечни ЦЕМТ дозволи, овозможивме 2.808 месечни ЦЕМТ дозволи. Исто така, би сакал да истакнам една многу значајна мерка, а тоа е дека ја изготвивме изменетата и дополнета Уредба за начинот на распределба, дистрибуција и ревизија на искористеноста на дозволите за меѓународен превоз на стока. И да потенцирам дека на оваа Уредба работевме заедно со вашата Асоцијација.“ – изјави министерот Благој Бочварски.

Република Северна Македонија оваа година за прв пат доби 3 илјади транспортни дозволи преку Организацијата за црноморска економска соработка со што се создадоа услови за олеснување на транспортот во земјите од црноморскиот регион.

Генералниот секретар на асоцијацијата Макам Транс, Билјана Муратовска, во своето обраќање истакна дека Министерството за транспорт и врски е партнер на Асоцијацијата со кое континуирано ја развива транспортната дејност во земјата.

На средбата, министерот Бочварски упати честитки по повод 30-годишниот јубилеј од првото здружување на Превозниците и прераснување во Асоцијација со која Министерството за транспорт и врски заеднички работи на подобрување на условите за работа на транспортните компании.

Слични содржини