Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска во просториите на Министерството оствари работна средба со амбасадорот на Република Бугарија во земјата, Н.Е. Ангел Ангелов.
Регионалното поврзување и продлабочувањето на меѓусебната соработка беа во фокусот на разговорот, теми кои се наши заеднички приоритети.
Министерот Бочварски истакна дека меѓусебната соработка треба да продолжи интензивно и во наредниот период особено што се наоѓаме во време на светска економска и енергетска криза која бара позитивни односи и соработка помеѓу двете соседни земји со цел намалување на нејзините ефекти.
Министерот Бочварски исто така потенцираше дека Владата на Република Северна Македонија е силно посветена на реализацијата на стратешките инфраструктурни проекти, особено во изградбата и модернизацијата на патниот и железничкиот Коридор 8 кој претставува мост на поврзување помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.
Амбасадорот Ангелов изрази желба за интензивирање на соработката која ќе донесе значајни бенефити за двете држави и особено на граѓаните кои живеат во нив.
Тие се согласија дека заедничките напори и меѓусебната поддршка се одлични темели за континуиран развој на двете земји и на регионот, подигнување на квалитетот на живот и развој на регионалната економија.