На покана на министерот за транспорт и инфраструктура на Република Турција, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски се обрати на онлајн состанокот на Министрите за транспорт во рамките на Процесот за соработка на земјите од Југоисточна Европа.
Покрај, министерот Бочварски, на состанок беа присутни и министрите за транспорт од Црна Гора, Србија, Словенија, Бугарија, Хрватска, Албанија, Грција, Молдавија и Босна и Херцеговина.
На средбата се разговараше за соочување и надминување на негативните последици од Ковид пандемијата во делот на транспортот на стока.
Сите министри се согласија дека регионална соработка е од исклучително значење за преземање на синхронизирани активности во насока на намалување на севкупното негативно влијание врз транспортот и обезбедување на непречен проток на стока.
Во своето обраќање, министерот Бочварски истакна дека Ковид кризата уште повеќе ја истакна потребата за интегриран транспорт во насока на обезбедување на непречен проток на храна и медицинска опрема.
“2020 година беше година на предизвици од сите аспекти, особено во областа на транспортот. Главните активности што се преземаа беа во насока да овозможат непречен транспорт на стока. Концептот „Зелена лента“ промовиран во регионот на Западен Балкан за време на здравственета криза како привремен брз одговор на тековната вонредна состојба може да постане пример за поефикасен и економичен систем за прекуграничните активности меѓу земјите. Податоците покажуваат дека приближно 80 проценти од транспортерите што ги користат гранични премини на ЦЕФТА ги користат зелените коридори, а 20 проценти од нив што превезуваат материјални добра имаат корист од приоритетното поминување”, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Министерот потенцираше дека заедно со регионалните организации, се прават напори за обезбедување на непречен транспорт долж Коридорот 10.
На состанокот беше усвоена Декларација во која се истакнува важноста на регионалната соработка на земјите од регионот на Југоисточна Европа, за непречено одвивање на транспортот по Транс европските транспортни мрежи.