Во пресрет на закажаните предвремени локални избори во Штип, градоначалникот во заминување, Благој Бочварски се огласи со отворено писмо на социјалните мрежи.
Имено, Бочварски кој од позицијата градоначалник ја презеде функцијата, Министер за транспорт и врски, и се обрати на јавноста, главно фокусиран на променливиот став на ВМРО ДПМНЕ околу учеството на изборите и нивниот избор за кандидат кој всушност го нема.
Во продолжение, ви го пренесуваме во целост статусот на министерот Бочварски:
„Деновиве внимателно ги слушам коментарите во јавноста од повеќе страни, во однос на предвремените локални избори во Штип.
Прво не можам да ги разберам ставовите на деструктивната опозиција, од протести и најразлични групирања, свирење со коли од Скопје до Штип, па се до барање за одлагање на изборите.
Изборите се потребни поради законските одредби кои се јасни, дека в.д. Градоначалникот може да има мандат од 6 месеци, и затоа тие треба да се спроведат со внимателен пристап и со почитување на сите протоколи.
Вториот аспект кој не ми е јасен е како тоа до пред ден, два правеа сондажи мерења на јавното мислење, најавуваа дека ова се најважните избори, па беа сигурни дека ќе победат во Штип, а денес никаде ги нема.
Како тоа на 23 октомври кога ги групираа луѓето во штипско Ново Село и најавија дека за два три дена ќе го објават својот кандидат, кој ќе победи, но за жал не го објавија. Кандидатот никаде го нема.
Или пак, ја примија пораката од анкетите и од граѓаните и решија да побегнат од изборите.
Штип ниту бил, ниту ќе биде вмровски град. Штип е слободарски град, град на слободоумни луѓе, град кој давал и ќе дава во иднина значајни личности во политичкиот и општествениот живот. Град во кој и левата и десната опција имале и победи и порази.
Но јас би сакал да го изнесам видувањето за Општина Штип, посебно за овој политички момент, и посебно затоа што безмалку 3 години ја вршев функцијата прв човек на градот.
1. Штип е град кој во последните 3 години направи огромен развој со значајни проекти кои не беа ниту тема на разговор во време на Вмро-Дпмне.
2. Ќе се согласат граѓаните далеку бевме од нова најмодерна детска градинка, изградена од темел, исфинансирана со 54 милиони денари од локалната власт предводена од СДСМ и е ставена во функција.
3. Не беше ниту започнат новиот мост на река Брегалница, денес е значајна артерија во сообраќајот.
4. Платформите за паркирање во центарот ги гледавме само на слики и 3Д анимации. Денес веќе едната е функционална, а втората ќе биде ставена во функција наскоро.
5. Граѓаните на населба Балканска немаа чиста вода за пиење, денес тие 600 жители се приклучени на градскиот водовод.
6. Започнавме со изградба на првиот покриен базен во Штип и баскет игралиште во СРЦ Суитлак.
7. Аква паркот како приватна инвестиција е веќе готов со целосно изградена инфраструктура од страна на Општината.
8. Се реконструира филтерстаницата во Штип со висина на инвестицијата од околу 4,5 милиони евра со цел да имаме стабилно водоснабдување во наредните години и децении.
9. Изградивме над 12 километри водоводи и канализации, над 50 улици, над 14 илјади метри квадратни тротоари.
10. Наскоро започнува изградбата на новиот модерен градски стадион во Штип.
11. Дечињата на самохраните родители бесплатно користат градинка.
12. Сите училишта и градинки се реконструирани.
13. Три спортски сали се реконструирани. А во моментот се реконструира спортската сала во училиштето ЕМУЦ.
14. Реставрација на црквата Св.Власије на тврдината Исар
15. И најважниот проект за Штип, изградбата на браната на река Отиња после 40-50 години ветувања. Тендерската постапка е веќе во тек и наскоро очекуваме избор на најповолен изведувач на овој објект со обезбедена финансиска конструкција од 7,5 милиони евра.
16. Автопатот и експресните патишта околу градот даваат нов квалитет на живеењето и целосно нова слика за истокот.
После сите овие проекти и проектите на моите наследници Јане и Сашко јасно е кој ќе биде победник на изборите во Штип. СДСМ ќе победи затоа што на граѓаните им е преку глава од деструкции и препукувања. Тие бараат резултати и многу работа.
Ете затоа ги нема на избори Вмро-Дпмне. Затоа што во политиката не е доволно само да се критикува, многу поважно е да се одработи за граѓаните.
Исклучително важно е да се има идеја и визија за градот, а во овие 3 години јас не добив ниту една идеја за доброто на граѓаните од страна на опозицијата, ниту еден предлог проект.. ништо. Нула.
Затоа едно е јасно, Штип оди напред со сите проекти кои ги започнавме заедно со граѓаните, СДСМ ќе победува поради трудот, работата и борбата за подобар помодерен, урбан и развоен Штип“, истакна Бочварски во својот фејсбук статус.