Некои од најбогатите жители на Франција веќе размислуваат да ја напуштат земјата, загрижени поради можноста за зголемување на даноците и политичка нестабилност по неодамнешните парламентарни избори, пишува Bloomberg, повикувајќи се на менаџери кои управуваат со големи инвестициски фондови.
По изборите, ниту еден политички блок нема мнозинство во парламентот, но левичарскиот сојуз освои најмногу места.
Неколку советници на богати инвеститори посочуваат дека повеќе нивни клиенти се во паника и веќе почнале да пренесуваат капитал во странство. Повеќето се загрижени дека, иако ниту крајната десница ниту екстремната левица не победија на изборите, некои од предлозите за кампањата на партиите, како што се повисоките даноци, наскоро би можеле да се претворат во закон.
„Имаме нови клиенти како високи раководители кои се прашуваат што можат да направат за да се заштитат. По Брегзит, имаше прилив на банкари во Франција, но овие луѓе со висока заработка ќе си заминат затоа што не сакаат да плаќаат повеќе даноци“, вели Ксенија Леандре, управен партнер на адвокатската фирма Hogan Lovels со седиште во Париз.
Левичарскиот Нов народен фронт, кој освои најмногу места на изборите, вети дека ќе го оданочи супер профитот на компаниите и повторно ќе воведе данок на богатство за богатите. Таквиот закон би бил во спротивност со политиката што ја воведе претседателот Емануел Макрон, која се смета за попријателска кон богатите, па дури и го доби прекарот „претседател на богатите“.
„Луѓето кои можат да заминат ќе си заминат доколку се усвојат екстремни политики. Франција повеќе не би била привлечна за странците, а богатите би заминале“, предвидува Емануел Анжелие, шеф на компанијата за управување со богатство Financiere d’Orion.
Некои луѓе почнаа да го преселуваат капиталот од Франција уште пред вториот круг на гласање, главно во земји како Швајцарија и Луксембург. Повеќето менаџери за богатство велат дека местата како Италија, Дубаи, Сингапур и САД се исто така меѓу дестинациите на кои голем дел од француските богати го насочуваат бизнисот.