Богатството на Елон Маск е три пати поголемо од богатството на популарниот инвеститор Ворен Бафет. Ова стана факт само неколку дена откако извршниот директор на „Тесла“ стана најбогатиот човек во светот и првиот што го премина прагот од 300 милијарди долари.
Богатството на Маск вреди 335 милијарди долари, откако во понеделникот додаде уште 24 милијарди долари на неговиот имот, според проценките на „Блумберг“.
За споредба, извршниот директор на „Беркшир Хатавеј“, Ворен Бафет има богатство од 104 милијарди долари.
Покрај тоа, богатството на Маск е поголемо од вредноста на бруто домашниот производ на Јужна Африка – 301 милијарда долари минатата година, според Светската банка.
Порастот на цената на акцијата на Тесла е главниот двигател на движењето на богатството на Маск. Мултимилијардерот поседува околу 22,4% од компанијата
Само минатата недела, акциите на „Тесла“ се зголемија за 13 отсто за време на тргувањето во понеделникот, со што пазарната капитализација на компанијата достигна 1 трилион долари, а Маск стана побогат за 36 милијарди долари за еден ден.
Маск е за 142 милијарди долари побогат од вториот најбогат човек на светот, основачот на „Амазон“ – Џеф Безос, кој има 193 милијарди долари, објави „Блумберг“.
Акциите на „Тесла“ пораснаа за 65,6% од почетокот на годината, и покрај падот во март и мај.