Најбогатиот човек во модерната историја на светот, Џеф Безос, стана уште побогат затоа што акциите на Амазон нагло скокнаа по веста дека Пентагон го откажува контроверзниот договор за работа во облак со американскиот технолошки гигант „Мајкрософт“.
Акциите на „Амазон“ пораснаа за 4,7 проценти откако Пентагон објави раскин на договорот, со што нето богатството на Безос се зголеми за 8,4 милијарди долари за само еден ден.
Безос, кој официјално се повлече од функцијата главен извршен директор на „Амазон“ на почетокот на оваа недела, но задржа 10,3 проценти од акциите во компанијата, сега вреди 211 милијарда долари, историски рекорд откако Блумберг започна да ја следи во 2012 година нето-вредноста на светските милијардери.
Претходното рекордно ниво, од 210 милијарди долари, кратко го држеше извршниот директор на „Тесла“, Елон Маск во јануари оваа година, но неговото богатство оттогаш падна на „само“ 181 милијарда долари, што го прави втор најбогат човек во светот, пред францускиот магнат за луксузни производи Бернард Арно, кој е „тежок“ 168,5 милијарди долари.
Пентагон во вторникот објави дека раскинува договор вреден 10 милијарди долари за работа во облак, познат како „Заеднички одбранбено инфраструктурен потфат (JEDI), што го потпиша со „Мајкрософт“ во 2019 година.
– Поради промената на технолошкото опкружување стана јасно дека JEDI договорот, кој долго време се одложуваше, повеќе не ги исполнува условите за пополнување на празнините во капацитетите на Министерството за одбрана – се наведува во официјалното соопштение на Пентагон.
Ова може да значи дека Министерството за одбрана се подготвува да ја подели работата за развој на својата технологија за облак-компјутери помеѓу „Мајкрософт“ и „Амазон“, како и други компании за кибер-технологија, проценува текстот.
„Амазон“ постојано се жали на одлуката на поранешниот американски претседател Доналд Трамп и неговата администрација да го доделат договорот на „Мајкрософт“, проценувајќи дека тоа е политички мотивирано.
Договорот беше „замрзнат“ откако „Амазон“ покрена тужба со која го оспорува изборот на Трамп и тврди дека поради неговата непријателство кон Безос, тој извршил притисок врз воените службеници да му ја доверат работата на „Мајкрософт“, а не на „Амазон“.