Мора да се решат идеолошките разлики во СДСМ, поради кои претседателот Бранко Црвенковски го замрзна своето членство и да се повика заедно со Никола Поповски, Јани Макрадули, Игор Ивановски и други за да ја стават партијата во колосек, порача поранешниот градоначалник на Општина Центар Саша Богдановиќ.
Тој за „Локално“ вели од партијата треба да си заминат многу луѓе кои ги истиснаа социјалдемократите а никогаш не биле во СДСМ, туку преку ноќ станаа дел од партијата.
-Исто така, треба да се повикаат и Гордан Георгиев, Емилијан Станковиќ, Зоран Јовановски и Софија Куновска кои секогаш биле со СДСМ кога било најтешко. Има и многу други кои во минатото си заминаа од партијата и гледаат што за жал се случува со партијата во која се вградиле себеси, додава Богдановиќ.
Во однос на најавите на лидерот на СДСМ, Венко Филипче за политички-кадровски промени во раководството на партијата, Богдановиќ вели дека и претседателот на партијата и раководството треба да ја покажат својата одговорност пред членството.
Тој е на ставот дека по завршување на изборите ќе има многу оставки од членовите на партијата.
Б.Т.