„Општина Карпош ја наследив во прилично лоша финансиска состојба, со големи долгови, затекната агресивна урбанизација, институција која немаше доверба кај граѓаните. Мило ми е што за три години успеавме да промениме дел од оваа слика. Долгот е намален, а непродуктивните трошоци скратени“, вели градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев во интервју за Стандард.
Богоев истовремено, посочува дека покрај аерозагадувањето, е свесен и за актуелната Пандемија за која вели дека не сака да шири страв и паника, но и покрај големата активност врзана за дезинфекцијата на улиците и установите, како и делење на маски низ општината, чувствува морална обврска да апелира дека битката ја води секој еден граѓанин, како што вели буквално секој еден.
Околу проблемот за тоа како Карпошани полесно да дојдат до паркинг простор, Богоев вели дека се отпочнати анкети по населбите, кадешто граѓаните одлучуваат дали се за регулација на паркирањето или не. Вели, дека решавањето на овој проблем малку се пролонгирал заради ситуацијата со Ковид – 19, но продолжуваат како општина со активностите и координацијата со ЈП „Градски паркинг“.
На прашањето дали ќе влезе Богоев во трката по втор мандат на општината, тој вели дека е се уште рано да се размислува, со оглед на тоа дека пред него претстои период на реализација на големиот дел ветувања дадени во програмата, но дека ако се одлучи повторно да ја предводи општината, јавноста ќе биде навремено известена.