Богоев за „Локално“: Нека покрене Левица постапка ако има незаконие, а тука нема ништо скандалозно и сомнително

278 прегледи

„Нема ништо скандалозно и сомнително во договорите за консултантски услуги за оценка на успешноста на реализацијата на програмските активности на Општина Карпош склучени со агенцијата „Рејтинг“, велат од општина Карпош за „Локално“, во реакција по денешното соопштение на партијата Левица.

Имено, локалната самоуправа распишува јавна набавка, која може целосно да се следи преку Електронскиот систем за јавни набавки, а на истата да учествуваат сите заинтересирани страни.

Секоја сериозна институција, организација има потреба од теренски истражувања на јавното мислење. Општина Карпош ја има потребата од спроведување на вакви анкети за да се обезбеди и рационализација на средства и насочување на буџетските пари кон решавање на вистинските проблеми на граѓаните. Затоа овие анкети се спроведуваат пред носењето на Буџетот. Резултатите од анкетите, најголемите проблеми и потреби на карпошани се интегрираат во буџетските програми на секторите, со што се зголемува и граѓанското учество во креирање на локалниот буџет.

Теренските истражувања се релевантни и оправдани кога се спроведени од агенции, организации кои се занимаваат континуирано со таа проблематика. Оттука, Општина Карпош не може самостојно да спроведе таков тип на теренска анкета и распишува јавна набавка за избор на оператор (агенција) која на професионален начин ќе го спроведе анкетниот процес.

Исто така, Општина Карпош работи по ISO стандард, кој подразбира континуирано мапирање на вистинските потреби на граѓаните и мерење на задоволството на испитаниците од спроведените проекти по различни области.

Ја повикуваме политичката партија Левица слободно да поведе постапка пред надлежните органи, ако се сомневаат во некое незаконско делување.

Во изминативе три години, Карпош и градоначалникот Стефан Богоев се пример за законско и домаќинско работење.

Завршено е времето на расипничко трошење на буџетските пари“, стои во дописот до „Локално“ од општина Карпош.

За потсетување,  порано денес стигна допис од политичката партија Левица, во кој се обвинува општина Карпош за склучени скандалозни договори во износ од 815.380 денари.

Покрај скандалозниот договор за прес-клипинг, за кој жителите ќе платат 245.322 денари, Богоев склучил три договори со Агенција Рејтинг СП-М за сомнителни услуги во вкупен износ од 815.380 денари. Имено, се работи за договори за услуга за спроведување анкета на територијата на Општина Карпош, нешто што може самата општина да го спроведе со едноставни прашања, наместо да троши илјадници евра за ангажирање на агенција.

Договорите се склучени со лицето Никола Спасов, кој e син на Ѓорѓи Спасов, поранешен министер за правда, пратеник и генерален-секретар на СДСМ во времето на најцрните транзициски денови. Инаку, Ѓорѓи Спасов е основач на Агенција Рејтинг.

За Никола Спасов, медиумите во 2018 година пишуваа дека е поврзан со светскиот скандал „Кембриџ аналитика“, кој се однесува на кражба на лични податоци од над 50 милиони корисници на Фејсбук за политички цели, а е голем поддржувач на функционерите на СДС.

Оттука, не е воопшто чудна хистеричната реакција на Богоев и поединци од НГО секторот, кои се покажаа како најголеми гласноговорници за промената на името и се во првите борбени линии во одбрана на криминалното владеење на СДС.

 

Слични содржини