„Ако утрото по денот се познава, тогаш сме сигурни дека оваа Влада е на погрешен антиевропски пат. Од една страна е противуставна и не го почитува амандманот 6 од Уставот на Република Македонија, не се грижи за правична застапеност на граѓаните, а од друга страна наметнува услови за работа на приватниот сектор, односно наметнува етнички клуч врз приватниот сектор со субвенционирање на етнички вработувања или сега по ново и наметнување на двојазичност. Ова е класично насилство, суспендирање на светоста на приватната сопственост. Ова е апартхејд во 21 век“, вели Петар Богојески од Македонски концепт.

Ова насилство од власта директно ја води државата кон судири по етнички основ. Ова не е едно општество за сите, ова е општество против сите.
Приватните компании се оневозможени да работат по сопствено видување и убедување. Редно време е стопанските комори во земјава да го организираат отпорот на менаџерите и стопанствениците, особено на малите и средни претпријатија.
Доволно нанесовте штета на приватниот сектор. Оставете ги менаџерите да донесуваат одлуки и управуваат со компаниите по сопствено видување, во насока на зголемување на капиталот и зголемување на продуктивноста на компаниите.
Во оној момент кога етничката припадност ќе се стави пред личниот квалитет на поединецот имаме сериозен проблем во земјата. Тоа е исто како кога партискиот интерес го ставаат пред државниот. Ова на времето го нарекувавме киднапирана држава, а сега го нарекуваме контролирана демократија.