Бојмацалиев: Уште еден припадник на МВР учествувал во инцидентот пред ноќниот клуб

од Nikola Popovski
282 прегледи

Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев во интервју за тв 21, одговарајќи на прашањето околу истрагата за инцидентот пред ноќниот клуб во центарот на Скопје, кога полициски службеници беа спречени да ја вршат својата работа од нивни колега, рече дека во неделата наутро се случи немил настан за прв пат во поновата македонска историја, висок полициски службеник кој извршувал и високи полициски функции во МВР порано, да спречи колеги да извршат службени дејствија, конкретно за акција против дрога.

„Против лицето е поднесена кривична пријава по член 383 и лицето е суспендирано и понатаму ќе одлучуваат другите органи со каква мерка ќе се соочи тоа лице. Во истрагата која ја водеше внатрешната контрола и службените белешки кои ги направија луѓето на самиот настан е утрвдено дека уште двајца колеги одбиле да постапуваат по наредба. Се работи за двајца колеги од ЕИП кои не сакале да го приведат лицето кое ги нападнало колегите и за тие лица веќе ќе започне дисциплинска постапка по сумирање на сите детали од внатрешната контрола. Вчера како што знаете се појави снимката во јавност по одредени медиуми и голем број на загрижени граѓани ми праќаа пораки, меѓу кои што препознаа уште едно лице кое е во друштво на лицето кое веќе има кривична пријава и се утврди дека тоа лице е исто вработено во МВР и е припадник на ЕБР. По согледување на овие информации кои ги добив од загрижени граѓани и проверка во службите дали навистина се работи за тоа лице, ја известивме внатрешната контрола и очекувам дека во текот на денот ќе го повика лицето на разговор да даде свое објаснување во кое својство бил таму, зошто ги буткал колегите и ги спречил во извршувањето на службени дејствија. Да сумираме, имаме против едно лице поднесено кривична пријава, кај двајца е утврдено дека не постапиле и сега имаме и трето лице. Ги повикувам сите граѓани кои ги погледнале снимки кои излегоа во медиумите, доколку препознаат и друго лице вработено во МВР кое постапувало спротивно на законот да не информираат и веднаш внатрешната контрола да ги преземе сите правни дејствија. Недозволиво е во 21 век полицијата наместо да ги штити граѓаните, да штити одредени криминални структури. За мене тоа е недозволиво и неприфатливо, мислам дека ова е сериозен преседан. Мнозинството на граѓани и на вработени во македонската полиција сме на вистинската страна и нема да дозволиме вакви излолирани случаи да го спуштат рејтингот или угледот на македонската полиција кој за жал во 2015 година беше на многу ниско ниво, а до 2023 година успеавме да го дигнеме до над 60% и сме една од топ трите институции која ја перцепираат граѓаните како блиска до граѓаните “, истакна Бојмацалиев.

Слични содржини