Американскиот актер Алек Болдвин сега тврди дека не го повлекол чкрапалото од пиштолот кој испука вистински куршум и ја уби директорката на фотографија Халина Хачинс на снимањето на „Rust“.
Болдвин изјави за ABC News, во интервју емитувано денес, дека „нема поим“ како била пронајдена муницијата на сетот на „Rust“ и дека „не го повлекол чкрапалото“ на оружјето од кое едно лице е убиено, а друго рането, пренесе Ројтерс.
„Никогаш не би вперил пиштол кон никого и би го повлекол чкрапалото. Никогаш“, рекол Болдвин во интервјуто кое интегрално ќе се емитува утре.
Снимателката Халина Хачинс загина, а режисерот Џоел Соуза беше повреден во, како што изјави претходно Болдвин, трагична несреќа на 21 октомври, на сетот на вестерн филм сниман во близина на Санта Фе во Ново Мексико.
Болдвин, кој е главна ѕвезда, а воедно и продуцент на овој филм, „навлегол во деталите за тоа што се случи на сетот тој ден“, вели Џорџ Стефанопулос, кој имал разговор со актерот во емисијата „Добро утро Америка“ на ABC.
„Како што можете да замислите, тој беше скршен, но беше и многу искрен. Тој одговори на секое прашање“, рече Стефанопулос.
Двајца членови на филмската екипа поднеле тужби против Болдвин, продуцентите и другите одговорни за несовесно однесување и кршење на безбедносните протоколи за време на снимањето, а властите во Санта Фе сè уште истражуваат и досега не поднеле кривична пријава.