Болдвин во ноември пред големата порота поради убиството на продуцентката Хачинс

од Stefanija Kuzmanovska
268 прегледи

Обвинителите во Ново Мексико ќе го претстават случајот против актерот Алек Болдвин пред големата порота во ноември за ненамерно убиство на продуцентката Халина Хачинс во 2021 година за време на снимањето на филмот Rust, објави денеска NBC News, повикувајќи се на два изворa запознаени со случајот.

Обвинителите Кари Морисеј и Џејсон Луис рекоа дека во следните два месецa ќе презентираат докази пред големата порота, истакнувајќи дека „дополнителни факти“ излегле на виделина за време на снимањето на филмот.

„На виделина излегоа дополнителни факти поради кои веруваме дека Болдвин е одговорен за смртта на Халина Хачинс и за ранувањето на Џоел Соуза. Сметаме дека е соодветно да се дозволи големата порота во Ново Мексико да одлучи дали на Болдвин треба кривично да му се суди“, навеле обвинителите во мејл.

Болдвин, копродуцент на филмот, впери пиштол во Хачинс за време на пробата за филмот на 21 октомври 2021 година, кога пиштолот истрела, убивајќи ја неа и повредувајќи го режисерот Џоел Соуза.

Тој првично беше обвинет за убиство од небрежност во јануари.

„Жално е што една страшна трагедија се претвори во ова неправедно гонење. Ќе одговориме на сите обвиненија на суд“, изјави адвокатот на Болдвин, Лук Никас.

Болдвин рече дека не е одговорен за смртта на Хачинс и дека не го повлекол чкрапалото.

Обвинителите го отфрлија обвинението против актерот во април, откако се појавија нови докази дека пиштолот што тој го користел можеби бил модификуван, што му овозможило да пука без да го повлече чкрапалото.

Тие тогаш рекоа дека доколку новото вештачење покаже дека пиштолот функционира, ќе поднесат нова тужба против Болдвин.

Подоцнежното вештачење на револверот со калибар Colt .45 од независен експерт покажа дека пиштолот не може да истрела доколку не се повлече чкрапалото, што беше потврдено и со претходното тестирање на ФБИ.

Слични содржини