Боливија во следните неколку дена ќе издаде налог за апсење на поранешниот левичарски претседател Ево Моралес заради бунт, изјави привремената претседателка на земјата Жанин Ањез.
Моралес во моментов се наоѓа во Аргентина, каде неделава доби статус на бегалец, пренесоа британските медиуми.
-Може да се врати кога и да посака. Замина бидејќи тоа го сакаше, рече Ањез и додаде дека во следните неколку дена ќе биде распишан налогот за негово апсење.
Статусот на поранешниот боливиски претседател беше решен со инаугурацијата на новиот аргентински претседател Алберто Фернандез, кој го наследи конзервативецот Маурисио Макри.
Моралес претходниот месец го мина во Мексико, по бурните случувања во неговата земја во октомври кога беше обвинет за организирање и учество во „наместени избори“.
Иако прогласи победа по првиот круг од гласањето на претседателските избори, оддржани на 20 октомври, Моралес, по речиси 14 години минати на власт, беше присилен да поднесе оставка под притисок на вооружените сили во земјата. Една недела подоцна веќе избега во Мексико, каде побара и експресно доби азил.