Болницата „Св. Ѓорѓи“ во Пловдив ги отпушти тројцата повредени во пожарот во Кочани

од desk4
131 прегледи

Тројца пациенти кои беа хоспитализирани по пожарот во Кочани, денеска ја напуштаат Универзитетската болница „Св. Ѓорѓи“ во Пловдив, по успешно завршеното лекување. Тие се стабилизирани и се пуштени на домашно лекување, со препораки за понатамошно следење и рехабилитација, соопштија од болницата.

Повредените, тројца мажи на возраст од 19, 21 и 48 години, беа примени на 17 март на Клиниката за пластична, реконструктивна и естетска хирургија, поради сериозноста на изгорениците. За време на нивниот престој, здравствената состојба се подобрувала, благодарение на интензивната нега што ја добивале.

Сите пациенти се во стабилна општа состојба и го напуштаат медицинскиот објект, благодарни на лекарите и медицинскиот персонал. Семејствата на пациентите исто така изразиле благодарност за професионалната грижа која им била обезбедена.

Во трагичниот пожар што се случи на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани, животот го загубија 62 лица, а близу 200 беа повредени. Некои од повредените беа транспортирани за лекување во други земји, додека во Бугарија беа хоспитализирани 15 повредени – осум во болницата „Пирогов“ во Софија, а останатите во болниците во Пловдив и Варна.