Болниот од Балканот

од Берта Китинска
1,6K прегледи

Во историските читанки, терминот „Болниот од Босфорот“, се однесува на Отоманската империја, но во конкретниот временски период: деветнаесеттиот и дваесеттиот век, односно во моментите кога се распаѓала дел по дел, се до нејзиниот конечен крај по завршувањето на Првата светска војна. Со истиот термин но со замена на зборот „Босфор“, туку со тој „Балкан“, можеме да ја оцениме моменталната состојба во и за Македонија, и тоа на секој план: политички, економски, здравствен, културолошки, социјален, но и морален. Победата која ја однесе десницата на локалните избори, егзалтацијата од истата и повторните закани по неистомислениците од спротивниот политички табор, или со популарното име „предавниците“, веќе ја заострува врвицата на политичката поларизација, која кај нас доаѓала до внатрешна имплозија како протестите од „Шарената револуција“, кои предизвикуваат тешки политички кризи.

Македонија е сложена равенка на Балканот

Бев наивен, кога поверував дека со приемот на Македонија во НАТО алијансата, нашата земја ќе го трасира патот на стабилизација и конечно ќе почне процесот на прогрес на секое општествено поле. За жал, перфидно блокираните европерспективи ме вратија во реалноста од која треба да стравуваме. Одамна, кај нас политичките елити не се гледаат низ призмата на политички конкуренти, туку се гледаат карлшмитовски, преку призмата на крвни непријатели до целосно истребување. Тоа доведуваше постојано до перпетуирање на политичките кризи, од кои страдаа сите граѓани без исклучок, а земјата не можеше никако да застане на здрави нозе, и да се случи тој толку посакуван економски напредок. Никогаш, ама никогаш македонските елити, немаа чувство за државништво настрана своите партиски пресметки да застанат под едно „знаме“, кога се однесуваше до највисоките национални интереси: решавање на проблемите со Грците, Бугарите и Албанците. Затоа пак заради тоа внатрешно неединство, последиците и резултатите ни се такви: Охридски рамковен договор, која наместо да создаде(ше) мултиетничка демократија, создаде билингвинална федерација, Преспански договор, со кој си го променивме уставното име за севкупна употреба и т.н Договор за добрососедство и пријателство со Бугарија, кој на практика не функционира и истиот е (зло)употребен од страна на официјална Софија дека поради неговото непочитување од наша страна ние добивме вето за почеток на нашите европреговори. Во едно сум убеден, дека доколку македонските политички елити, имаа воспоставено македонски црвени линии уште на почетокот на 90-тите, за сите овие најважни национални прашања, и по истите се водеа, не злоупотребувајќи ги за печелење на партиски поени, а со тоа и избори, ние денеска ќе имавме многу поповолни решенија и со нашите јужен и источен сосед, но и многу пофункционален внатрешен дијалог и договор со сограѓаните Албанци.

Одиме по патот на неповратот

Доколку Македонија поради „враќањето на името“ во страна на советите на локалните самоуправи, каде што партијата „Левица“ го контролира советот, и доколку во иднина кога ВМРО-ДПМНЕ од позиција на владејачка партија не го почитува Преспанскиот договор, тогаш верувајте ми, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и целата грчка дипломатија нема два пати да трепнат дур го реупотребат „инструментот вето“. При двојно, бугарско и грчко вето, на Македонија „судбината“ ќе и биде скроена. Иднината ќе биде небиднина, односно ќе бидеме оставени да скапуваме внатрешно сами од себе: да имплодираме, урушувајќи се на секое поле. Тие тенденции и разврски неминовно ќе доведат до внатрешни ескалации, политички турбуленции, неизвеност, институционална нестабилност, која и онака ќе ја нагризува кревката македонска државност во регионални, но и меѓународни рамки. Кој не разбира ни малку како функционираат меѓународните политички односи, нека го чита професорот Денко Малески. Кој не сака да го чита, и не сака да ја разбере суровоста на меѓународната политика, тогаш добро, нека седи дома и нека прави ајвар. Ако има пари за пиперки-ајварки. Ако не, нека се жали на нивната цена, нека пцуе и нека биде гневен. Доволно е глупав, за да не сфати зошто е тоа така.

Благојче Атанасоски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

 

Слични содржини