Обединетото Кралство повторно е во неволја кога станува збор за ширење на коронавирусот, вели извршниот директор на Националната здравствена служба (НХС), Сер Сајмон Стивенс.
Според медиумите на Островот, болниците во таа земја биле пребукирани, исто како што беше случајот во април, кога Велика Британија забележа врв на бројот на заразени лица.
НХС објави податоци дека од понеделникот 20.426 пациенти со болеста Ковид-19 биле третирани во болници низ целата земја. За споредба, за време на врвот на 12 април, 18.974 лица биле хоспитализирани поради оваа инфекција.
– Повторно се најдовме во „окото на невремето“, бидејќи вториот бран на коронавирус се шири во Европа, но и во нашата земја. Многумина од нас ги загубија членовите на семејството, пријателите, колегите … во време кога нормално би славеле. Многу луѓе разбирливо се чувствуваат вознемирено, фрустрирано и уморно – рече Стивенс и ги пофали медицинските работници за нивната посветеност во борбата против коронавирусот.
– Веруваме дека напролет ќе можеме да обезбедиме вакцини за коронавирус за најзагрозените низ целата земја. Тоа ни дава можеби најголема надеж за следната година пред нас – додаде извршниот директор.
Според „Sky News“, британското здравство е под притисок поради зголемувањето на бројот на заболени од коронавирус, а на медицинскиот персонал му станува сè потешко да се справи со пациентите кои продолжуваат да пристигнуваат.
Д-р Саманта Бет-Роден, претседател на Медицинското здружение во Велика Британија, напиша на Твитер дека нејзините колеги и таа биле „на точка на пукање“.
– Денес дознавме дека имаме повеќе пациенти Ковид-19 од кога и да било порано. Ова не е вежба. Ве молиме, верувајте ни. Ние сме многу „слаби“ на теренот. Персоналот на НХС не е приоритет кога станува збор за вакцините и многумина страдаат од новиот вид на коронавирус – рече таа.
Адријан Бојл, кој работи во Итната помош. изјави дека ситуацијата е тешка.
– Се чувствувате ужасно во смисла на чувство на беспомошност, кога не можете да испратите брза помош, бидејќи одделот за итни случаи е исполнет. Ова создава чувство дека сте ги изневериле пациентите само затоа што нема доволно простор да се згрижат за сите луѓе, рече Бојл.