“Бомбите на Заев ќе ги изгорат и албанските политичари“, е насловот што вчера осамна во албанските медиуми. Меѓу информациите што се поврзани со „бомбите“ на опозицијата има и такви што содржат компромитирачки информации за функционери од Косово и од Албанија, кои се блиски со ДУИ, пренесуваат дел албански медиуми.
![]()
Блискоста меѓу овдешните владетели и тие од Косово и од Албанија и последните посети во Македонија ги зајакнале сомнежите дека „бомбите“ може да имаат влијание и кај властите надвор од Македонија.
Познавачот за политички прашања Фадил Лепаја од Косово за весникот „Лајм“ потврдува дека криминалот и корупцијата во балканските земји не се локални, туку регионални. Тој вели дека нема да се изјасни за индивидуалниот случај, затоа што, според него, ова не е работа на аналитичарите, туку на судиите и судовите.
– Вртоглаво високи цени што се поврзуваат со имињата на политичарите и бизнисмените тесно поврзани со политиката кажуваат дека тие се резултат на надворешни односи и бизнис-соработка на политиката меѓу Косово и Македонија, односно позицијата и опозицијата на двете земји е многу мрежеста и интензивна. Ова не се однесува само на овие две земји, бидејќи мрежата е долга и се протега од Турција до Москва. Оваа мрежа е манифестација и плетење на мултидимензионални политички и бизнис-интереси, која тешко може да се перципира како целосно легитимна – изјави Лепаја за „Лајм“.
Извор – Нова Македонија