Бордот на директори на Твитер, наводно, се сретнал со Елон Маск во текот на викендот за да ја истражи неговата понуда да ја преземе платформата за социјални медиуми вредна 43 милијарди долари.
Откако шефот на Тесла прв ја откри својата понуда, раководството на Твитер ја објави таканаречената „отровна пилула“ – стратегија за отфрлање на потенцијалното непријателско откупување.
Маск планира да ја финансира својата понуда со поддршка на американскиот заемодавач Морган Стенли и други финансиски институции. Портпаролот на Твитер одби да ги коментира извештаите, пишува Би-би-си.
Деталите за тоа како најбогатиот човек на светот имал намера да ја финансира својата понуда, објавени од американските регулатори во четвртокот, го поттикнало 11-члениот Борд на Твитер сериозно да размисли за можен договор, според Ројтерс, Њујорк Тајмс и Блумберг – повикувајќи се на анонимни извори.
Маск, кој поседува повеќе од 9% од компанијата, подготви финансиски пакет од 46,5 милијарди долари како дел од својата понуда – според документи поднесени до регулаторот. Финансирањето ќе дојде од комбинација на неговите сопствени средства и поддршката на банкарскиот гигант од Волстрит и други компании.
Наводно, голем број акционери на Твитер стапиле во контакт со компанијата откако Маск го објавил планот за финансирање.
Ден Ајвс, аналитичар во инвестициската компанија Wedbush Securities, рече дека многу инвеститори ќе ги гледаат разговорите „како почеток на крајот за Твитер, како јавна компанија, при што Маск веројатно е на пат да ја преземе компанијата сега, освен ако не се појави друг понудувач“.