Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската комисија Жозеп Борел и европскиот комесар за проширување и добрососедска политика Оливер Вархеји испратија писмо до министерот за надворешни работи на Црна Гора Ѓорѓе Радуловиќ, наведувајќи дека ЕУ е посветена на продолжувањето на интензивната поддршка на Западен Балкан во одговорот на КОВИД-19, пренесе „Аваз“.
Писмото кое Борел и Вархеји го испратија и во име на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен, уследи како одговор на обраќањето на црногорскиот министер за надворешни работи пред највисоките претставници на ЕУ, нагласувајќи ја важноста на заедничката соработка за справување со пандемијата.
– Во писмото се наведува дека ЕУ има посебна одговорност да им помогне на партнерите од Западен Балкан и дека воспоставувањето на механизам на ЕУ ќе обезбеди заеднички пристап до дел од 2,3 милијарди дози вакцини обезбедени од ЕУ, во рамките на Тимот на Европа, што би можело првенствено да им користи на здравствените работници – се наведува во соопштението на министерството.
Официјални претставници на ЕУ истакнаа дека во оваа криза соработката и солидарноста се поважни од кога било, потсетувајќи дека ЕУ веќе обезбеди значителна поддршка за да му помогне на регионот да се справи со пандемијата.
– Кога станува збор за Црна Гора, ЕУ веќе обезбеди медицинска опрема во вредност од 3 милиони евра, 9,5 милиони евра за инвестиции во здравството, 40,5 милиони евра за задоволување на краткорочни и среднорочни социо-економски потреби и 60 милиони евра заеми од програмата макроекономска финансиска помош – се вели во соопштението.
Покрај тоа, се додава дека економскиот и инвестицискиот план започнат за Западен Балкан вклучува значителен инвестициски пакет вреден до 9 милијарди евра, чија цел е лансирање инвестиции во вредност до 20 милијарди евра за поддршка на модерна и зелена економија и социјално закрепнување по мерка на граѓаните.
– Бидете сигурни дека Европската комисија е посветена да продолжи да дава силна поддршка во справувањето со оваа криза. Брзата вакцинација на Западен Балкан ќе биде клучна за ставањето крај на пандемијата и започнувањето на социо-економското закрепнување, се вели во писмото на високиот претставник Борел и комесарот Вархеји.