Борг: Да го зачуваме и зајакнеме ОБСЕ, дипломатијата останува најдобра алатка за овој потфат

од Radmila Tasevska
224 прегледи

Мултилатеризмот е во основата на надворешната политика на Малта. Мора да се обидеме колективно да го зачуваме и зајакнеме ОБСЕ, препознавајќи ги нашите споделени одговорности како потписници на Хелсиншкиот финален акт, порача во своето обраќање на 30. Министерски самит на ОБСЕ во Скопје, Иан Борг, министерот за надворешни работи на Малта, следната земја претседавач со Организацијата.

– Да се вратиме на споделените принципи и заложби. Дозволете предизвиците да ги претвириме во можности, во духот на Хелсиншкиот финален акт и да обезбедиме наследство за идните генерации. Заедно, да внесеме нов дух во Организацијата, порача Борг.

Очигледно е, нагласи Борг, дека мултилатерализмот се соочува со предизвици, но останува клучен за справување со глобалните проблеми, од спречување на конфликти до справување со климатските промени, бидејќи, како што нагласи, ниту една земја не може сама да се справи со овие предизвици и затоа клучни се соработката, инклузивноста и координираните напори во рамки на поставените правила.

–  Како Организација се наоѓаме во комплексна и критична ситуација. Насилството како средство за остварување на целите не е во духот на Хелсиншкиот акт и мора да се вратиме на деескалација и мирно решавање на споротвите со почит кон дијалогот. Во духот на Хелсиншкиот акт, не е, ниту користењето на вето за спречување на ОБСЕ во остварување на своите основни цели. Мора да се вратиме на барањето компромис, дури и кога ни е тешко да се согласиме, нагласи Борг.

Во духот на Хелсиншкиот финален акт, порача Борг, е соработката со добра волја за градење доверба, и за тоа да го постигнеме, посочи тој, мора да ги задржиме нашите канали на комуникација.

– Заедно го создадовме ОБСЕ како инструмент за безбедност, соработка и разбирање. За добросостојбата на сите луѓе на кои им служиме, мора да опстанеме и го зачуваме. Ова е тешка, но витална задача пред нас. Дипломатијата останува најдобра алатка за овој потфат, изјави Борг.

Малта, нагласи Борг, останува посветена на обезбедување на хуманитарна помош и поддршка за Украина и Русија мора целосно да се повлече од целата нејзина територија.

Слични содржини