Мора да се фокусираме на ставање крај на војните и конфликтите, руската агресија врз Украина мора да запре, порача новиот претседавач со ОБСЕ, Јан Борг, министер за надворешни работи на Малта.
На завршната прес-конференција од 30. Министерски состанок на ОБСЕ во Скопје, Борг истакна дека анонимниот глас од сите 57 земји кои му ја укажаа довербата за нов претседавач, е доказ, како што рече, на нашата заедничка заложба да продолжиме да ја зајакнуваме организацијата и да осигураме дека покрај сите предизвици со кои се соочуваме, организацијата ќе продолжи да работи.
– Како што го почнуваме нашето заедничко патување, ќе се посветиме на исполнување на нашите должности и одговорности во времето што претстои, рече тој.
Борг очекува да работи, како што рече, рака под рака заедно со сите партнери и кажа дека ќе се обврзе да работи кон поттикнување на зајакнување на мултилатеризмот.
На завршната прес-конференција се обратија и досегашниот претседавач, министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи и генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид.
Северна Македонија е домаќин на 30. Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ, на кој учествуваат околу 1000 делегати од 57 земји членки на Организацијата и земји партнери.