Холандската полиција уапси маж кој возел пијан за време на викендот и открила дека има возачка дозвола на име „Борис Џонсон“.
Лажната возачка дозвола, издадена во Украина, заедно со фотографијата на британскиот премиер и неговиот датум на раѓање, вели дека била издадена на 24 јули 2019 година, истиот ден кога Џонсон се преселил во Даунинг стрит 10 и го презел раководството на британската влада. Пишува и дека возачката дозвола важи до крајот на 3000 година.
Портпаролот на полицијата Тијс Дамстра изјави дека полицајците го истражувале инцидентот кој се случил нешто по полноќ во неделата кога автомобилот на „Борис Џонсон“ удрил во столб во близина на мостот Ема во Гронинген.
Автомобилот бил напуштен, но полицијата подоцна соопштила дека возачот стоел на мостот.
„Лицето не сакаше да го открие својот вистински идентитет и одби да биде подложен на алкотестирање“, изјави Дамстра за АФП.
Станува збор за 35-годишен маж од Зуидхорн, во чие возило полицијата пронашла лажна дозвола.
„Не наседнавме на фалсификуваните документи“, соопшти полицијата.
Полицијата не сакаше да каже каде е направен фалсификуваниот документ, но поранешната дописничка на јавниот сервис НОС од Русија, Кисија Хекстер преку твит наведе дека лажните возачки дозволи лесно може да се купат во продавниците за сувенири во Украина.
„Колку што знам, вистинскиот господин Борис Џонсон во тоа време не бил во Холандија“, додаде Дамстра.