Бугарскиот премиер, Бојко Борисов денес информира дека се очекува постигнување на колективниот имунитет во месец мај годинава.
„Вакцините ќе ги добиеме во мај и до средината на јуни. Првично мислевме дека тоа ќе се случи во август, но убеден сум дека веќе во мај, со 3 милиони вакцинирани, ќе имаме колективен имунитет“, истакна Борисов.
Имено, тој вели дека благодарение на европската солидарност и нивната брза дипломатска акција, успеале да обезбедат 2,7 милиони дози од вакцината „Фајзер“ да бидат испорачани во Бугарија во следните два месеци, јави БГНЕС.
Меѓудругото, Борисов изрази уверување дека зголемениот број на вакцинирани и излекувани ќе придонесе Бугарија да ја надмине пандемијата.
Пред една недела беше соопштено дека Бугарија ќе добие повеќе од 1,2 милиони „солидарни вакцини“ против Ковид-19 од „Бионтек“ и „Фајзер“ во второто тромесечје. Повеќето земји членки на ЕУ се согласија заеднички да споделат дел од дополнителните 10 милиони дози со Бугарија, Хрватска, Естонија, Летонија и Словачка – земји за кои е заклучено дека им се потребни најмногу вакцини.