Технолошките гиганти Bosch и Microsoft се договорија да соработуваат за да ги направат автомобилите побезбедни со помош на вештачка интелигенција (AI), објави извршниот директор на Bosch, Стефан Хартунг.
Според зборовите на двете компании, во иднина вештачката интелигенција ќе им овозможи на возилата да го проценат ризикот во одредени ситуации, соодветно да реагираат и со тоа подобро да ги заштитат учесниците во сообраќајот, пишува Seebiz.
Тања Рикерт, член на одборот на Bosch, рече дека генеративната вештачка интелигенција е „двигател на иновациите“ и може да ја промени индустријата, слично со изумот на компјутерот.
Генеративната вештачка интелигенција се однесува на варијанта на вештачка интелигенција која може самостојно да создаде нова содржина која речиси не се разликува од, па дури и ги надминува човечките постапки. Може да се контролира со човечки јазик.
AI во автомобилите може да помогне подобро да се процени ситуацијата во сообраќајот преку контекстуално знаење, слично на искусен човечки возач, рече Рикерт.
Како пример, таа наведе ситуација во која топка се тркала на патот, а системот за вештачка интелигенција предвидува дека дете веројатно би можело да истрча по неа.
„Меѓутоа, добрата вештачка интелигенција исто така може да направи разлика помеѓу тркалачка топка и сценарио каде што ветерот придвижува празна пластична кеса и не е потребно итно сопирање“.
Партнерството дава пристап на германската мултинационална Bosch до технологија за вештачка интелигенција од партнерот на Microsoft OpenAI. Во исто време, софтверската компанија има и доволен компјутерски капацитет за извршување на сложени пресметки со вештачка интелигенција на компјутери со високи перформанси.
Microsoft, пак, може да има корист од масата анонимни податоци генерирани од компјутерите на Bosch во возилото.