Бошњачкиот демократски сојуз (БДС) како политичка партија која ги застапува интересите на Бошњаците во Република Северна Македонија денеска соопшти дека податоците од пописот на населението за нив се неприфатливи затоа што како што велат, „постојано работиме на терен и ја знаеме реалната фактичка состојба кога е во прашање бројноста на Бошњаците во земјава, но и во странство“.
-Имено, имаме лични сведоштва на граѓани кои биле попишувани а не биле прашани за етничката, верската припадност , како и за мајчиниот јазик. Притоа, граѓаните, што е голем пропуст на надлежните, немаа можност во исто време да направат увид во внесените податоци од страна на овластените попишувачи. Ништо помалку не е важна ниту забелешката за отежнатиот процес на попишување на дијаспората. Добивме бројни забелешки за многубројни технички проблеми што само по себе го отежна процесот на нивно попишување. Постојат бројни случаи во кои луѓето беа обесхрабрени да се попишат или пак, поради технички проблеми беа спречени да го направат тоа, велат од партијата.
Од таму додаваат дека некои граѓански организации во изминатите години работеле на терен за да го утврдат фактичкиот број на Бошњаците во тие места.
-Исто така, беше контактирана и дијаспората. Тие бројки и бројките од пописот драстично се разликуваат. Укажуваме дека податоците од пописот, но и самиот негов процес, фрлаат сенка врз работењето на државните институции, но и почитувањето на основните човекови права на самоопределување и самоизјаснување. Ова ја доведува во прашање довербата на граѓаните во институциите, но и на намерите на надлежните во контекст на остварување на гарантираните уставни права на етничките заедници, вклучително и Бошњаците.
Бараме да се преиспитаат резултатите и да се утврдат неправилностите со цел резултатите од пописот спроведен по две децении да ја одразува реалноста и да одговори на потребите на граѓаните, а не да служи за поткусурување на интересите на одредени политички субјекти, стои во реакцијата на БДС.
Според пописот, 58,44% од луѓето се изјасниле како Македонци, 24,30% како Албанци и 3,86% како Турци. Во земјата има 2,53% Роми, 0,47% Власи, 1,30% Срби и 0,87% Бошњаци.
Во Северна Македонија живеат и Кинези, неколку Австралијци и Данци, а во земјата има и 3504 Бугари, а меѓу малцинските народи има и Египќани и Хрвати.
Кога станува збор за верската припадност, 46,14% се изјасниле како православни, 32,17% муслимани, а 0,37% католици.