„Задоцнета изјава“. Вака го коментира предлогот на шефот на дипломатијата Бујар Османи за нов „рамковен договор“ за ЕУ помеѓу партиите на власт и опозицијата, поранешниот вицепремиер и амбасадор Ивица Боцевски.
– Задоцнета изјава! Во текот на првата половина на 2022 година, додека Претседателот, Премиерот и МНР Бујар Османи тајно и кришно го преговараа предлогот Ковачевски – Петков (погрешно наречен „француски предлог“), опозицијата и интелектуалците бараа вклучување на целото општество и на сите институции во изработка на платформа за разговори со Бугарија и јавност при преговорите. За жал, сите вклучени чинители прво лажеа дека воопшто не се одвиваат преговори, па потоа се обидоа да ги оцрнат протестите на граѓаните, за сега да бараат некаков „рамковен договор“. Ова е во најмала рака нечесно, а јас би употребил и далеку пожестоки зборови, изјави Боцевски за „Локално“.
Претпоставувам, додава тој, дека постои подготвеност за изработка на платформа за нови преговори со Бугарија и за нова преговарачка рамка со ЕУ, но истакна, за прифаќање на срамниот предлог Ковачевски – Петков нема место за никаков разговор.
– А, за непристојноста при употребата на терминот „рамковен договор“ и на асоцијациите кои што тие историски аналогии ги будат треба посебно да се зборува, наглсува тој.
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи упати апел до опозицијата што поскоро да се седне на заедничка маса и партиите да потпишат договор со кој ќе дадат поддршка на агендата на ЕУ.
– Ни треба нов „рамковен договор“ за ЕУ, со кој партиите ќе се усогласат дека ќе ги поддржат прашањата кои се однесуваат на Унијата. Директивите на ЕУ мора да ги прифатиме, без разлика кој е на власт, изјави Османи.
Тој смета дека париите што поскоро треба да склучат договор дека ќе соработуваат и дека ќе ги надминат разликите.
-Граѓаните мора да бидат победници во овој процес. Времето е сега, вели Османи, укажувајќи дека станува збор за надпартиска тема, за која не смее да има разлики.
Д.Ј.