„Бовин“, првата приватна винарница во Македонија, денеска одбележува 20 години постоење.

Беспрекорност во квалитетот, највисоки производни стандарди и употреба на квалитетно грозје од сопствени лозови насади, се основните принципи што ги негува „Бовин“ веќе две децении со цел креирање и пласирање врвни вина на домашниот и меѓународниот пазар.
– Кога почнавме да го градиме „Бовин“, многумина се сомневаа дека ќе опстане, зашто покрај нас работеа винарии со скоро 100 милиони литри, но тоа не не обесхрабри. Сакавме да направиме нешто ново, што ќе се разликува, верувавме во нашата визија. Имавме врвна суровина, врвно грозје за производство на вина, квалитетна технологија, го донесовме во тоа време најдобриот стручен кадар и создадовме квалитетно вино. Никогаш не правевме копија, секогаш се трудевме да направиме нешто ново, уникатно и посебно, велат сопствениците и основачи на винаријата, браќата Кирил и Ѓорги Богевски.
Од 1998 година „Бовин“ го следи сопствениот пат на производство на висококвалитетни вина, направени во многу ограничени серии од неколку илјади шишиња. Моментно нуди 34 различни вина поделени во четири сегменти: Quality, Superior, Barrique и Dessert. Има и три вида ракии, како и шери-бренди. На „Бовин“ се и најскапите вина во Македонија и регионот, „My Way“, „A’gupke“ и „Imperator“. Винарницата извезува во 37 земји меѓу кои и Јапонија и Северна Америка.
Како што истакнуваат Богевски, 20 години континуирано се инвестира во подобрување на квалитетот на производите.
– Ние 20 години инвестираме со цел континуирано подобрување на квалитетот на нашите производи и овозможување нашите вина да бидат достапни до поголем број од потрошувачите во Македонија и пошироко. Лојалноста на нашите потрошувачи, извозот во 37 земји во светот, како и многуте награди кои ги имаме добиено се потврда за исправноста на политиките на „Бовин“. Нема да запреме со инвестициите, бидејќи пазарот е област која исто така не мирува, и секој посакува поголем дел од него, вели Богевски.
Според него, во оваа јубилејна година исклучителен успех постигна вранецот„My Way“ кој освои злато во конкуренција на вина од целиот свет на интернационалниот вински натпревар во Рочестер, Њујорк.
„Бовин“ ќе го одбележи јубилејот вечер со гости од земјава и странство, амбасадори, јавни личности од политичкиот и општествениот живот, љубители на доброто вино.