Brabus Mercedes-AMG EQS 53

од Vladimir Zorba
343 прегледи

Во август минатата година, Brabus за прв пат понуди модифицирана верзија на електричниот седан Mercedes EQS 450, додека сега во својата гама додаде и префинет модел Mercedes-AMG EQS 53 4Matic+.

Brabus овде обезбеди аеродинамичен комплет кој е усовршен во тунелот за ветер за да го направи моделот со нула емисии уште поелегантен. Оттаму тврдат дека ја намалил вредноста на Cd за 7,2 отсто во споредба со стандардниот автомобил.

Сите нови делови се направени од јаглеродни влакна и имаат сјаен или мат финиш. Едни од додатоците се елементите за дефлектор на воздухот пред лаковите на задните тркала, со цел да се оптимизира протокот на воздух. Предниот дел добива нов спојлер, додека задниот има дифузер. Аеро-оптимизациите придонесуваат за седум проценти зголемување на опсегот кога автомобилот се движи со брзина помеѓу 100 и 140 km/h.

Има и сет од 22-инчни тркала Brabus Monoblock M Platinum Edition, гуми Pirelli P Zero, изменета суспензија (автомобилот е понизок за 15-20 mm) и пакет за персонализација на внатрешноста (од секаков вид кожа преку нови педали до велур патосници за багажници).

Автомобилот има фабрички 484 kW/658 КС и 950 Nm, или 560 kW/761 КС и 1020 Nm со опционалниот пакет Dynamic Plus. Забрзувањето до 100 km/h трае 3,4 секунди, додека максималната брзина е ограничена на 250 km/h.

Што се однесува до цената, Brabus за автомобилот на сликите бара 251.654 евра (без данок).