Брачен пар од Бугарија, кој бил обвинет за шверц на новороденчиња во Грција, се уапсени во Германија и наскоро ќе бидат екстрадирани, соопштило Државното правобранителство на Софија.
За осомничените е издадена европска потерница во февруари под сомнение за учество во организирана криминална група која шверцувала новороденчиња на грчка територија, се вели во соопштението.
Мажот и жената, чиј син веќе е во притвор во Бугарија, биле уапсени на 29 април во Нојнкирхен, во југозападна Германија. Државното правобранителство не ја навело причината за нивниот престој во Германија.
На нив им се заканува затвор од 5 до 15 години. Тие се обвинети за регрутирање на бремени жени од сиромашни средини во Бугарија од 2015 година, ветувајќи им дека ќе добијат 2.500 до 3.500 евра. Потоа ги одвеле и ги сместиле во стан во Атина пред породувањето.
– Неколку дена по раѓањето, децата беа продадени на локални шверцери кои најверојатно припаѓаа на меѓународната мрежа за продажба на новороденчиња – наведува обвинителството.
Трговијата, која за првпат беше широко распространета во ромските населби кај Бургас, во источна Бугарија, се проширила во другите делови на земјата во последните години, а соседната Грција е најчестата дестинација.
Бавноста во процесот на посвојување, која трае до пет години, ги натерала многу кандидати да се обратат на овој вид нелегална трговија.
Благодарение на законот од 2018 година, времето на чекање е скратено, но мрежите сè уште работат и се се полесно „решение“ за оние кои не успеваат легално да посвојат дете.