Браим Дијаз: Златан е стар колку татко ми, но прави разлика на теренот

од Vladimir Zorba
320 прегледи

Шпанскиот фудбалер на Милан, Браим Дијаз ја истакна важноста на Златан Ибрахимовиќ за тимот и додаде дека тој ги прави сите играчи подобри. 40-годишниот ветеран постигна осум гола на 23 натпревари во Серија „А“ за „росонерите“ и е клучна фигура за миланскиот гигант надвор од теренот.

„Тој е стар колку мојот татко, но сепак прави разлика на теренот. За мене тој е како татко во соблекувалната. Тоа ми го олесни животот, бидејќи кога ја контролирам топката морам да му ја дадам за да не се налути“, изјави 22-годишниот Дијаз во интервју за „Марка“.

„Тој е исклучителен фудбалер со голема харизма кој сака да победува. Работи многу напорно на тренинзите и тоа им го пренесува на другите. Несомнено тоа ги прави сите играчи подобри, бидејќи не тера да го дадеме максимумот“, изјави офанзивниот играч за врска.

Младиот фудбалер не успеа да се наметне во „црвено-црните“ минатата сезона. Шпанецот забележа учество на 31 натпревар во Серија „А“ и одигра вкупно 1.871 минута, постигнувајќи 3 гола и 3 асистенции.

Неговиот договор за изнајмување од Реал Мадрид во Милан е до 2023 година, а италијанскиот клуб има опција да го откупи по тој период.