Бранислав Николов, Иванка Ниба, Наталија Лукомска и Живко Грозданоски се добитници на наградите од „Литера“

од Илинка Илиоска
193 прегледи

На Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“ вчера традиционално беа доделени наградите за најдобри книжевни и визуелни остварувања од областа на литературата за деца.

Наградата за сликовница во целина припадна за „Ѕуница“, односно за текстот на Бранислав Николов и илустрациите на Иванка Ниба, едиција „Светулка 2“, во издание на „Арт & Арт студио Батев“

„Ова е приказната за снежната земја во која сè е црно и бело, каде четирите другари, Бојана, Птицата, Зајчето и Мендо трагаат по Сонцето за да им ја врати пролетта и боите. Бранислав Николовски низ поетската сказна, во одличен ритам и рима, со внимателно избрани зборови ја втурнал дружината во смела авантура – да ја вратат бојата во својот свет. Иванка Ниба во чекор го следи, на почеток со црно-белиот цртеж каде ни ги открива полека карактерите во сликовницата. Таа умешно ги користи контрастите на позадината со илустративните елементи. На почеток користи чисти и едноставни геометризирани форми, кои полека прераснуваат во површини исполнети со форми, наместа неуредни елементи кои добро функционираат во комбинација со геометризацијата, за повторно да добие смирен ритам во кој полека се внесува боја. Круна на двата елемента, текстот и илустрацијата кои одлично се надополнуваат, е пораката за другарство во книгата која на децата им пренесува моќна порака на преубав начин“, велат од „Литера“.

Награда за најдобра илустрација беше доделена на Наталија Лукомска за „Си беше еднаш… Најубавите бајки на сите времиња“, која е со адаптација на текст Оливера Ќорвезироска, во издание на „Арс ламина“.

„Во ова дело Наталија Лукомска ни ги отвора портите на најубавите бајки во светот преку еден поинаков, нејзин свет. Добро познатите ликови од приказните ни ги претсатвува преку чисти форми и јасен ликовен израз. Преку нив таа ги изразува емоциите на ликовите и карактерите на поедноставен начин нè воведува во комплексен свет. Користи фигурација со убава стилизација и геометризација. Текстурите се убави, потсетуваат на старите приказни на источноевропските уметници, но со еден исклучително свеж и модерен приказ. Илустрацијата се движи со убава динамика низ приказните, особено преку впечатливиот контраст, иако е ограничена палетата на секоја илустрација. Стилот е задржан низ целата книга во една исклучителна хармонија“, велат од „Литера“.

Наградата за најдобар текст му припадна на Живко Гроздановски, за „Белите глувчиња / Страшната наезда на зелените вошки / Црните овци“, со илустрации на Воскресија Андреевска, во издание на „Чудна шума“.

„На многу автентичен, интересен начин ѝ се приближува на детската публика, нудејќи неверојатен хумор што може да го разберат и најмалите. Ова издание е подеднакво интересно и забавно и за возрасната публика. Грозданоски се навраќа на старите добри поговорки и им дава своја интерпретација. Тој ги прави разбирливи и адаптирани за децата, а ќе ве засмеат и вам читајќи им ги на децата. Го издвоивме текстот на оваа сликовница затоа што е посебен, различен, оригинален и се навраќа на слатката детска рима“, посочуваат од „Литера“.

 

Слични содржини