Бразил: Светски шампион во џиу џицу застрелан во глава од полицаец

од Vladimir Zorba
128 прегледи

Леандро Ло, повеќекратен светски шампион во бразилско џиу џицу, беше убиен со истрел во главата во Сао Паоло. Воен полицаец кој не бил на должност е уапсен под сомнение дека го убил познат борец.

Ло, кој имал 33 години, бил на концерт во Сао Паоло, на кој околу два часа по полноќ влегол во судир со маж, кој потоа го убил.

Како што пренесуваат светските медиуми, полицаец кој не бил на должност извадил пиштол и му пукал во главата. Бразилецот бил пренесен во болница, но неколку часа подоцна била констатирана смрт.

Насилникот Енрике Отавио Оливеира Велозо е уапсен, а до трагедијата дошло кога осомничениот им пришол на Ло и неговите пријатели и почнал да го провоцира со недолични гестови со стаклено шише.

Тогаш Леандро реагирал, го имобилизирал и двајцата биле разделени непосредно пред да се случи пукањето.

Леандро Ло е еден од најуспешните борци во бразилско џиу-џицу на сите времиња со осум освоени титули светски шампионати.

Носител е на црн појас од 2012 година.