Оскаровецот Бред Пит тргна по стапките на неговиот пријател и sвезда на брендот Nespresso, актерот Џорџ Клуни, потпишувајќи договор со италијанскиот производител на кафе De’Longhi, кој го ангажираше како нов амбасадор на брендот, се вели во соопштението на компанијата.
Акциите на De’Longhi пораснаа за 1,9 проценти на берзата во Милано кратко по објавувањето и сега изнесуваат 39,48 евра.
Италијанската компанија за производство на апарати за домаќинство објави дека започнала меѓународна кампања за својот бренд машини за кафе за домаќинство со видео во режија на режисерот на филмот „La La Land“ Дамиан Шазел, а главен актер е Пит.
Кинематограферот Лајнус Сандгрен беше задолжен за уметничката визија на кампањата, а музиката ја напиша Џастин Хурвиц, познат по долгогодишната соработка со Шазел. Сите се наградени со „Оскари“.
За фотографиите и видеата беше задолжен Лахлан Бејли, австралиски фотограф чии дела ги користат брендови како Келвин Клајн, Ралф Лорен, Армани и Џими Чу.
„Нашата група доживеа голем деловен бум во последниве години, и во таа експанзија, сегментот на еспресо машини за домаќинства ја презеде централната улога“, рече извршниот директор на De’Longhi, Масимо Гараваља.
„Затоа веруваме дека Бред Пит е совршениот амбасадор за нашиот бренд и вистинската личност да ја раскаже нашата приказна за De’Longhi на остатокот од светот. Тој е промотор на духот De’Longhi – смел, глобално познат и признат, а во исто време и софистициран и елегантен“, рече Гараваља.
De’Longhi објави двоцифрен раст на приходите минатата година, бидејќи карантинот ја зголеми побарувачката за кафе машини, помагала за готвење и климатизери. Приходите од продажба на еспресо машини за домаќинство сочинуваат повеќе од половина од прометот на De’Longhi.