Познато е дека славните личности инвестираат големи суми пари во профитабилни бизниси. Тие се фокусирани на врвна козметика, хотели и алкохолни пијалоци. Така холивудскиот заводник, Бред Пит избра да се занимава со алкохолните пијалоци, тој веќе е сопственик на познатата винарија Шато Миравал, а сега го пушти и првиот „тврд“ пијалок.
Станува збор за The Gardener Gin, кој го пробале само неколку избраници на Канскиот филмски фестивал. За овој проект, Пит ги здружи силите со семејството Перин (со кое започна и бизнис за убавина) и мастер дестилаторот Том Никола, кој и покрај неговата одлука да се пензионира, се согласи да биде дел од овој проект.
Том има големо знаење и искуство во индустријата за џин и е високо почитувано име. Премиерното претставување на овој џин се случи на отворањето на хотелот „Карлтон“ за време на Канскиот филмски фестивал. Над 350 милиони евра се потрошени за реновирање и украсување на оваа престижна хотелска адреса, која траеше две години, а сега може да се пофали со најголемиот „инфинити“ базен во Кан, како и градина со дури 22.000 видови цвеќиња и растенија.
За време на филмскиот фестивал, можеше да се проба џин во луксузниот хотелски бар, а коментарите се повеќе од одлични, што е совршена подготовка за влезот на џинот на американскиот пазар планиран за есен оваа година. Во рамките на фестивалот особено се уживаше во коктелот „Тајната градина“ кој беше подготвен од The Gardener Gin, сок од лимон, сок од портокал, сируп од јагоди и белки од јајца.
The Gardener Gin е опишан како лондонски сув џин кој ја слави бујноста и светлината на француската ривиера исполнета со свеж вкус на цитрус. Направен е од пченица во бакарни котли со традиционална ботаничка мешавина од боровинки, сладунец, ангелика и коријандер, со примеси на цитрус и розов грејпфрут, лимон и горчлив портокал.