Соработката е клучен фактор во борбата против пандемијата со корона вирусот, а „од пресудна важност е коридорите кон регионот да бидат отворени заради снабдување со лекови медицинска опрема и храна“, истакна денеска генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка (РСС) Мајлинда Брегу, на заедничка видео конференција со претставници на владите на земјите од Западен Балкан.
Брегу појасни дека РСС ќе изработи заклучоци за договор за воспоставување на т.н. „зелен коридор“ меѓу земјите на Западен Балкан и во комуникацијата надвор од Балканот.
-Договорено е нашиот следен чекор да биде изработка на заклучоци врз основа на кои на регионот би му се овозможило да работи на воспоставување на зелениот коридор за да се обезбеди непречен проток на стоки внатре во регионот, но и надовр од него. Тоа ќе се темели на принципите за обебзедување на економскиот континуитет, избегнување на прекин на испораките на стоките и основните услуги на Западен Балкан и надвор од него, а со цел заштита на здравјето и животот на нашите граѓани, рече Брегу.
Таа додаде дека сите претставници од регионот се заложиле за непречено функционирање на т.н. зелени коридори, како и дека ќе упатат барање до ЕУ за да ги остави неискористените средства од ИПА фондовите за итни потреби на некои од земјите апликанти.
РСС организираше видео конференција за размена на информации и консултација во врска со новонастаната состојба во која до денес, на Западен Балкан има 400 заболени и четири земји со вонредна состојба. На конференцијата учествуваа претставници на владите од Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, како претставници на ЕУ, на ЦЕФТА и на Траснпортната заедница, соопшти РСС.